На 29.04.2020 година Отсекот за економски крминал при Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основно јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против И.Г. (38) од Струмица, вработен во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за сторено кривично дело „Примање поткуп“ по член 357 од кривичен закон.
Во декември 2019 година осомничениот извршил контрола над земјоделски површини сопственост на правен субјект од с.Бучим, општина Радовиш, за што изготвил записник без констатирани забелешки, а врз основа на тој записник на правниот субјект му биле исплатени субвенции согласно Програмата за финансиска подршка во земјоделството за 2019 година.
Во април 2020 година пријавениот остварил контакти со управителот на правниот субјект и побарал од него да му исплати пари во износ од 600 евра, како награда за претходно изготвениот записник без констатирани неправилности, а ако не го стори тоа, тој ќе изготви нов записник со констатирани неправилности, поради што ќе мора да ги враќа исплатените средства и нема да има право да аплицира за доделување на субвенции следната година.
На 29.04.2020 година околу 08.00 часот на локален пат од село Бучим кон Радовиш од страна на полицски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш е запрено патничко возило марка „мерцедес“, со струмички регистарски ознаки, управувано од И.Г., при што во возилото се пронајдени обележани банкноти во вкупен износ од 36.000 денари, кои претходно осомничениот ги примил од управителот на правниот субјект од село Бучим.
И.Г. е лишен од слобода и по поднесена кривична пријава е предаден на Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Струмица, од каде е изведен пред судија на претходна постапка во Основен суд Струмица.