Во струмичкиот вакцинален пункт се врши само ревакцинација.
Граѓаните ја примаат втората доза на вакцина , а лекарите велат дека наскоро ги очекуваат редовните термини за вакцини по пристигнувањето на 500 илјади вакцини Синовак кога се очекува дека ќе бидат распределени и новите термини.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 444.898 граѓани.На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 250.813 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.455 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.556 граѓани.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.