Во сите пет основни училишта во Општина Гевгелија,од прво до трето одделение, како и учниците од прво до петто одделение во седумтте подрачни училишта, првиот училишен ден наставата ја следеа со физичко присуство. Вклучувајќи ги и 202 првачиња кои вчера, за прв пат, според наметнатите правила од пандемијата , седнаа во училишните клупи. Исто така, и во ООУ„Климент Охридски“ во Миравци учениците од прво до петто одделение наставата ја следеа со физичко присуство. Додека, учениците од шесто до девето одделение ја бојкотираа онлајн-наставата барајќи да им се овозможи настава со физичко присуство. Советот на родители од ова училиште, по одбиеното барање за одржување настава со физичко присуство и за учениците од шесто до девето одделение од страна на Владата на РСМ, побараа преиспитување на одлуката и согласност за настава со физичко присуство за сите ученици. Васка Ефтимова, в.д. директор на ова училиште, изјави дека на вториот училишен ден учениците од шесто до девето одделение започнале да се приклучуваат на онлајн наставата. Во сите други основни училишта, со помали технички проблеми околу националната платформа, наставата се следи онлајн. Во СОУ„Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија еден дел на учениците не се приклучиле на онлајн-наставата од различни причини. Професорите и класните раководители продолжуваат со онлајн-наставата и се на своите работни места во текот на вториот училишен ден. Во овој средноучилишен центар сите ученици наставата треба да ја следат онлајн, освен учениците од стручните паралелки кои треба да реализираат пракса со физичко присуство.