Следниот месец треба да почне изградбата на експресниот пат Радовиш – Штип во должина од 23,5 километри, инвестиција во вредност од 28 милиони евра, обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој. Патот ќе се гради на целосно нова траса од местото Софилари пред Штип до Бучим. Mаксималната дозволена брзина ќе биде 110 километри на час.
Како што најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, веќе е потпишан договорот за изградба и новиот пат треба да биде завршен до крајот на 2020 или почетокот на 2021 година. Истовремено со изградбата ќе се изврши обнова со проширување на постоечкиот регионален пат, во што ќе бидат вложени три милиони евра.
- Овој пат ќе биде продолжување на автопатот Миладиновци – Штип кој очекуваме да биде завршен следната година и се надеваме оти ова комплетно ново сообраќајно решение ќе придонесе за намалување на времето за транспорт на стока и патници, рече Сугарески, потенцирајќи ја важноста на патот за жителите од регионот и посочувајќи оти сообраќајот на стариот регионален пат се одвива во отежнати услови од аспект на безбедноста.
Новиот експресен пат ќе има две ленти со ширина од 3,5 метри и две ленти за застанување со ширина од два метра. Предвидено е да бидат изградени 11 мостови, 22 пропуста, три надпатника и два потпатника.