Вчера, во организација на Локалниот младински совет на Општина Гевгелија, се одржаа активностите од Програмата предвидена за дводневниот културно-уметнички Фестивал „Mладински бран“.
Имено, првиот ден во рамки на „Младински бран“, Локалниот младински совет на Општина Гевгелија потпиша Меморандум за меѓусебна соработка со Локалниот младински совет на Општина Велес, со што ЛМС на Општина Гевгелија го направи првиот чекор во младинското вмрежување, унапредувајќи го своето делување во областа на младите. Притоа, во Пионерскиот дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, беа одржани и две панел-дискусии на теми: „Мотивација на младите- како да се активираат пасивните млади“ и „Проблеми со кои се соочуваат младите“, на кои присутните млади од Гевгелија, Богданци, Велес и Охрид си ги искажаа своите ставови со општи заклучоци дека е потребно менување на општествениот поредок и поголема поддршка од страна на возрасните.
Програмата продолжи во кафе-бар „Драма“, на летната тераса на хотел „Аполонија“, со музички настапи и ликовно сликарство на млади од Гевгелија, како и претставување на млади претприемачи со свои изработки. Во музичкиот дел се претставија дуетот Благоја Панов и Слободанка Арнаудова, ди-џеј Боко (Ѓорѓе Костаќев) и членовите на Секцијата за ударни инструменти, под менторство на Момчило Делев, кои го имаа својот прв концерт по профункционирањето на Секцијата. Ликовно се изразија Теодора Ставрова, Марија Џинова и Михаела Ризова, а своите изработки- накит и преврзоци ги презентираше Андријана Шпирова.
Активностите за вториот ден од културно-уметничкиот Фестивал „Младински бран“ продолжуваат вечерва, исто така, на летната тераса на хотел „Аполонија“, односно кафе-бар „Драма“, со почеток во 20:00 часот.