• Sat. Nov 23rd, 2024

Владата: Трговците со нафта да не ја ограничуваат количината

Северна Македонија има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво во согласност со побарувачката, смирува Владата.

Владата апелира дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават резерви од гориво поради безбедносни причини.

Дополнително, Владата уште еднаш ги информира граѓаните да бидат смирени, државата има доволна количина жито во стоковните резерви. Како што информира и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во домашните млинови има резерви од 45.000 тони пченица, количини што се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта.

Важно е граѓаните да знаат дека во согласност со официјалните статистички податоци имаме зголемување на производството на пченица, кое од 195 илјади тони во 2017 година, лани е зголемено на 253 илјади тони. Владата и во следниот период продолжува со ова темпо на инвестиции во земјоделското производство сѐ со единствена цел да обезбедиме сигурност во производството на стратешките земјоделски гранки.

Познато е дека ако домашното производство на пченица изнесува 253 илјади тони, а годишните потреби за пченица се околу 300 илјади тони, секоја година остатокот на пченица се обезбедува од увоз од Србија. Вкупниот увоз на пченица во 2017 година изнесувал 87 илјади тони, а во 2021 година е намален и изнесува 74 илјади тони.

Увозот на брашно во 2017 година изнесува 53 илјади тони, а во 2021 година изнесува 41 илјада тони. Увозот на јачмен во 2017 година изнесува 15 илјади тони, а во 2021 година само 950 тони. Ова значи веќе целосно задоволување на домашните потреби од производство на јачмен.

„Имајќи предвид дека домашното производство е стратешко за секоја сериозна држава, Владата и Министерството континуирано преземаат мерки што значат зголемување на домашното производство на житни култури. Првпат оваа Влада воведе мерка за кофинансирање на трошоците за набавка на нафта, која со новите законски измени ќе изнесува 100 %. Ја зголемивме субвенцијата за пченица за земјоделците што имаат површини од 5 до 50 хектари и првпат почнавме неселективна распределба на државното земјоделско земјиште. Годинава, дополнително, преку интерветниот фонд планирана е субвенција за ублажување на трошоците за набавка на ѓубриво за житните култури“, велат од Владата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *