Молк од Владата по вчерашното објавување на францускиот предлог за кревање на ветото и решавање на отворените прашања меѓу Скопје и Софија. Шефот на дипломатијата Бујар Османи не сака да избрзува со никакви оценки. Идентично како и вчера, тој повтори дека редот е добро познат – текстот прво треба да го видат и одобрат земјите членки, па потоа македонската страна ќе се произнесе по истиот. Иако документот официјално не е пристигнат на „Илинденска 2“, Османи кажа се анализира секој збор, професионално и без грам емоција.
За разлика од кај нас, во бугарскиот политички врв „врие“. Кирил Петков гледа позитивно на предлогот на Макрон, но е дециден дека на Самитот на ЕУ во Брисел следната недела ќе настапи со одлука која исклучиво ќе биде поддржана со мнозинство во Народното собрание.