Лозарите и годинава ќе добијат помош од државата која ќе изнесува најмалку еден денар за килограм предадено грозје, но можеби и повеќе, зависно од можностите. Дали производителите ќе добијат поголема поддршка од минатогодишната ќе се знае, кога ќе почне откупот и колку пари ќе може да се одвојат од буџетот за оваа намена.
Инаку лозарите бараа интервентна субвенција од три денари бидејќи се револтирани од годинашните откупните цени на грозјето. Некои винарии на почетокот на откупот најавија цени од 12 и 10 денари, кои се многу ниски и потценувачки со оглед дека грозјето годинава има екстра квалитет и логично е неговата цена да биде повисока. За нив економски прифатливи цени би биле 18 денари за ,,вранец” и 17 денари за ,,смедеревка”.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски рече дека лани им помогнавме и годинава ќе им помогнеме најмалку со еден денар по килограм.
– Во овој период се разговара со лозарите и со винарниците и ја следиме состојбата на терен и движењето на цените на пазарот. За да го олесниме и забрзаме откупот на грозјето донесовме одлука Фитосанитарната инспекција на терминалот во Кавадарци да работи во две смени, истакна Димковски.
Тој појасни дека секоја несоодветна интервенција од страна на државата може да го поремети пазарот и производството, затоа ќе ја следиме состојбата и ќе видиме колку можеме да помогнеме.
Дополнително, појасни со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје ќе добијат наместо 40.000 денари 48.000 денари по хектар за одржување на насади. Претворена во килограми, оваа субвенција изнесува половина денар по килограм, што значи дека вкупната финансиска поддршка заедно со дополнителната субвенција ќе изнесува 1,5 денари за килограм.
И премиерот Зоран Заев рече дека се преговара со визбите околу шеќерните единици – да бидат фер поставени како основа на откупувачката политика.
–Донесовме одлука да ги помогнеме лозарите како лани, па дури и повеќе . Ќе ги следиме сите можности кои ни стојат на располагање во текот на откупот и ќе ги информираме колку и како ќе им помогнеме, истакна Заев.
Инаку минатата година за дополнителни субвенции за сортите Вранец и Смедеревка се одвојија 100 милиони денари.