• Fri. Nov 22nd, 2024

Вечерва премиера на „Вујко Вања„

Вечерва премиера на „Вујко Вања“. По неколкумесечна подготовка, струмичани премиерно ќе ја погледнат претставата „Вујко Вања“ од Чехов. Режијата е на Дејан Ангелов, кој за првпат работи во струмичкиот театар.

„Оваа претстава за мене има посебено значење. Прво затоа што станува збор за “Вујко Вања” – Хамлет од провинцијата. Текст којшто зборува за тоа колку е лесно да се промаши животот и дека совеста посуровo казнува за ненаправеното и неслученото. Еретично и парадоксално откритие. Дека човек пред се е творец поточно сотворец со Бога, во него спие и е заложена бескрајна енергија, разум, творечка моќ којашто проколнува да биде случена!“ -вели Ангелов.

Понатаму, во својата објава на социјалните мрежи, Ангелов зборува за пораките на претставата. „Овој текст зборува за трагедијада на чесниот човек. Во градов во којшто живеам постојано бев опкружен со Вујко Вањовци, светли, способни, чувствителни, талентирани луѓе кои заради една или друга причина катастрофираа, не се случија. Оваа претстава зборува за тоа колку голема одговорност носи секој човек поединечно со самиот факт што е роден“.

Режисерот смета дека работењето претстава во својот роден град е посебно искуство, особено затоа што работел со актери од кои почнал да го учи театарскиот занает во најраната младост.


„Втoриот момент зошто оваа претстава има посебно значење за мене е фактот што ја направив во градот во којшто пораснав и живеам, заедно со голем дел од моите први учители на театар. Овој процес беше посебна Голгота“, пишува Ангелов.