Васил Гарванлиев не влезе во финалето на Евросонг
Вчеравечер, вторник, 18 мај 2021 се одржа првата полуфинална вечер од 65. издание на изборот за Песна на Евровизијата – Евросонг 2021, на која беа одбрани првите 10 финалисти.
Македонија, која годинава ја претставуваше Васил Гарванлиев со песната „Here I Stand„ одново неславно го заврши настапот на Евросонг 2021, зашто Васил не успеа да влезе во финалето!
Стравувањата дека и овој пат сме „тенки“ во настапот, зачинети со бројните контроверзи уште од самиот старт на изборот на наш претставник и песна, се обистинија. Ниту целата (не)намерна галама и прашина со „бугарштината“ која се крена околу Гарванлиев пред заминувањето во Ротердам, ниту неговото отворено признание дека е геј, случајно или намерно темпирано да биде соопштено непосредно пред почетокот на првото полуфинале, ниту несомнените вокални квалитети на пејачот, не помогнаа.