Има рок од 24 или 48 часа за приговор, ама не даваат увид во записниците, напиша на „Фејсбук“ Димитар Апасиев, лидерот на Левица.
„Дури и ако дадат увид, немаш како да споредиш дали бројот на гласови од хартиениот записник е ист со електронски внесените податоци – за да можеш да приговараш“, додава тој, пренесе Макфакс.
Според него, на Левица ѝ се украдени гласови во Ново Село, па до Кисела Вода.
„По 30-40 гласа по изборно место. Наши членови од Карпош гласале со цели семејства, а на резултатите има 0 гласови. Тројца пратеници ни крадат во моментов“, напиша Апасиев.
Според последните податоци кои беа објавени уште утринава, од преработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места, Левица има освоено две пратенички места.