За време на претстојниот продолжен викенд, кога ќе биде на сила полициски час, активистите ќе можат два часа дневно, во услови на ограничено движење, да ги хранат и да се грижат за бездомните животни, пренесува Макфакс.
Оваа одлука беше донесена на денешниот Кризен штаб, а право на истата ќе имаат само граѓани кои се членови на регистирани здруженија.
„Секое регистрирано друштво за заштита на правата на животните, потребно е до 16 април, најдоцна до 12:00 часот, до Град Скопје да достави пополнет образец, за најмногу пет членови од здружението“, се наведува во соопштението.
За здруженијата регистрирани во другите градови образецот ќе треба да се поднесе до општинскиот кризен штаб, во истиот рок.
Сите пристигнати обрасци, Град Скопје и општинските кризни штабови ќе ги доставуваат до Министерството за информатичко општество и администрација, од каде барањата за дозвола ќе бидат испроцесирани, и дозволите ќе бидат испратени на електронската пошта на секој барател посебно.
Дозволите ќе бидат со важност за 18, 19 и 20 април.
Постапката ќе се повторува за секој нареден викенд се додека трае вонредната состојба.