„Спортските игри за млади“ се најголема манифестација во рамки на аматерскиот спорт во Европа, за деца на возраст од основните училишта. Натпреварите се организираат во десет спортски дисциплини: мал фудбал, одбојка на песок, уличен баскет, одбојка, игри помеѓу два огна, пинг-понг, тенис, атлетика и шах.

И покрај тоа што се работи за аматерско спортување, натпреварите се организирани на професионално ниво, во склад со сите пропозиции и во склад со постојните правила за секоја спортска дисциплина. „Спортските игри за млади“ се одржуваат веќе 22 години во Република Хрватска,  8 во Босна и Херцеговина и 5 сезони во Република Србија. На сите досегашни игри во регионот учество зедоа преку 1.200.00 дечиња во машка и женска конкуренција.

Игрите ги обединија децата во регионот, им овозможија да се занимаваат со спортот, де се дружат, патуваат и да се натпреваруваат. Под  слоганот „Живееме живот без дрога бидејќи дрогата одзема живот“ СИМ игрите крстарат по спортските терени. Денеска СИМ игрите претставуваат популарен бренд меѓу најмладите и нивните родители во целиот регион.

Затоа, претставниците на СИМ упатија официјален повик и покана за приклучување на игрите и на дечињата од Република Македонија.

-Промовираме дружење, негување на вистинските вредности, спортски активности и фер плеј, толеранција и почитување на различностите. Тоа е она што овие игри ги прави поинакви во однос на останатите спортски но и други манифестации и организации. Игрите не се обично натпреварување како сите други спортски настани. Игрите претставуваат начин на живот и промена на животните навики. Во сите сегменти тие се многу важни за заедницата и за целиот регион – изјави Тихомир Гудиќ, извршен директор на Регионалната организација на „Спортските игри за млади“.

Тој истакна и дека мисијата на СИМ е креирање на чувство за припадност.

-Најголем успех е тоа што уште од првите игри до денес апсолутно се за децата е бесплатно а право на учество има секое дете. Програмата на игрите дава можност на сите кои сакаат да се дружат и уживаат во спортските активности. Учесниците можат но не мораат да бидат активни спортисти. Доволно е да вљубеници во здравиот начин на живот, да имаат желба да се дружат со нас, и да ги пробаат своите можности во некоја спортска дисциплина, и токму затоа Игрите се алтернатива на сите негативни трендови на секојдневието – вели Гудиќ.

Делегација од „Спортските игри за млади“ на почетокот на јануари беше во работна посета кај претседателот на владата на Р. Македонија, Зоран Заев. Претставниците на СИМ на состанокот го претставија планот и иницијативата за развоја на „Спортските игри за млади“ и на територијата на Република Македонија и упатија директна покана до премиерот за пристапување и приклучување кон регионалниот СИМ проект.

-Многу сум задоволен од состанокот и средбата со премиерот. Г. Заев е човек со голема и позитивна енергија. Веќе на прв впечаток ги препозна сите предности на СИМ проектот. Ја почитувам неговата борба и се она што го направи за Р. Македонија. Ме воодушеви со тоа што искрено го сака спортот како и со фактот дека е тимски играч. Многу е ефикасен, односно да се изразам со вистинскиот збор, тој е човек од акција. Ја уважува и почитува секоја професија имајќи во предвид дека веднаш пристапи оперативно на разработка на планот во присуство на своите сореботници, директорот на Агенцијата за спорт и млади, Дарко Каевски како и специјалниот советник за спорт во владата на Р. Македонија, Даниел Димевски, кои исто така оставија поволен впечаток на членовите на нашата делегација. Тимот на премиерот со нас сега работи на подготовка на планот, потребите и можностите – додаде Гудиќ.

Веднаш по презентацијата, премиерот Зоран Заев ја поздрави иницијативата и изрази интерес спортската идеја „Спортски игри за младите“ во блиска иднина да биде реализирана и во Македонија. Заев исто така изрази воодушевување од вредностите на проектот, кој претставува најмасовна манифестација на аматерскиот спорт во Европа.

-Се надевам дека нашите разговори ќе одат во вистинска насока и сигурен сум дека, доколку се воспостави соработката таа ќе биде многу успешна. СИМ како организација, но и јас лично ќе бидам многу среќен доколку во 2018 година со нас се дружат и радуваат и дечињата од Македонија– истакна Гудиќ.

Ако дојде до покренување на проектот, дали веќе сега знаете кој ќе биде првиот човек на СИМ за Македонија?
Морам да истакнам дека СИМ веќе сега има кандидати за претседател на нашата организација во Македонија. Веќе направивме прелиминарни разговори со поранешниот ракометен репрезентативец на Македонија, Наумче Мојсовски. Драго ни е што нашиот проект му се допадна и тој ја прифати нашата покана. Тој е голем играч, спортист кој го оставаше срцето на теренот. Со оглед на тоа дека се прости од активното играње, ако дојде до реализација, од него очекуваме дека се она што го даваше на теренот во својата богата спортска кариера, ќе го имплементира и во СИМ, и дека како миленик на нацијата ќе учествува во развојот и ширењето на нашата организација и СИМ приказната.

Во напорите за интернационализација на проектот, вие како челни луѓе на СИМ организацијата интензивно соработувате со земјите во регионот. Дали претседателите и премиерите во тие земји ги препознаа вредностите на проектот и дали даваат сесрдна подршка на Игрите.

Игрите се одржуваат под покровителство на владите на земјите во кои се реализираат. Подршката на институциите е многу важна за успех на било кој проект.Се трудиме да работиме подобро и повеќе. Од година во година напредокот и резултатите од нашата работа се евидентни. Нашиот тим се бори да успее а се во интерес на дечињата. Нашиот, но и другите слични проекти во областа на културата, спортот, уметноста и друго, се многу важни за идните генерации. Ние сите нив ги подржуваме, и се надеваме дека подршата од институциите во регионот, поради важноста на истите, од страна на сите ќе биде уште поголема.

Како човек од светот на спортот пред позицијата извршен директор на СИМ бевете спортски директор на повеќе клубови и организации. Дали досега имавте можност да соработувате со некого од Македонија.

-Да, имам соработувано и со тренери и со играчи од Македонија. Тоа што посебно ми остана во сеќавање е топлиот прием од страна на тие луѓе. Имаме сличен менталитет, исти или слични навики, карактер и заедничко на сите во регионот ни е што имаме душа. Сето тоа заедно не прави посебни и различни од другите и тоа не може никој да ни го одземе.Иако зборуваме на различен јазик, тој е доволно сличен за да се разбереме. Ете, можам да кажам дека немаме ниту јазични бариери. Тоа е нашата сила. Заедно можеме многу,  само треба тоа да го искористиме и сите да размислуваме во иста насока.  Израснав и воспитуван сум во некое друго време, поубаво и би рекол посреќно за целиот наш регион. Така живеам и работам и денес. Спортот, оној врвен, но и аматерскиот, но пред се СИМ нема граници и ги руши сите бариери. Нашиот тим се бори за децата од целиот Балкан и се залага да го оставиме зад себе сето она лошо што во минатото го направија постарите, да гледаме во иднината за нашите деца и да ги учиме да ги почитуваат само вистинските вредности. Нашето поднебје, Балканот, регионот во целина е спортски ориентиран и некаде сето тоа нам ни е заедничко. Имаме култ на навивање и давање подршка на нашите спортисти и токму тие на сите ни донесоа радост безброј пати до сега.

Која е целта на СИМ во наредниот период?

-Очекувам уште поголем напредок на игрите во наредните години. Упатуваме повик за приклучување  секоја година на една нова земја од регионот. Оваа година поканата е упатена до Македонија. Веќе сега започнуваме со преговори за пристапување на две нови земји членки во 2019 година. Наша цел е „Спортските игри за млади“ да го променат животот и навиките на децата. Иако тука победата не е приоритет, туку сите учесници се победници, сепак морам да истакнам дека во претходните години малите СИМ натпреварувачи покажаа завидни вештини и исклучителна подготвеност. Ние не сме клуб ниту сојуз. Нашите амбиции не се во насока на врвниот спорт, туку развивање на свеста кај децата за здравите животни навики. Се гордеам со младите кои го препознаваат значењето да се занимаваат со спорт и да искажат радост кон Игрите. Ние како организатори носиме преубави спомени од сите СИМ сезони, во сите земји и од секој град во кој бевме присутни. Кога еднаш ќе ја доживеете СИМ приказната, таа е незаборавна и се живее со неа и со мотото на Игрите. Се надеваме дека од година во година ќе не има се повеќе и дека нашето СИМ семејство ќе биде уште побројно – заклучи Гудиќ.

Победниците на државните првенства во сите земји, во сите спортови ќе изборат пласман за учество на Големото меѓународно финале на „Спортките игри за млади“, кое по традиција се одржува секоја година во Сплит. Градот домаќин во Хрватска ќе нагости вкупно 1300 дечиња, тренери, спортски работници и други гости.
Малите натпреварувачи ќе се натпреваруваат, ќе уживаат во стекнување на нови пријателства, убавите плажи и обиколка на обележјата на градот Сплит. Сплитската рива и оваа година ќе биде преполна со дечја врева, насмевки, песни и спектакуларен огномет.