Свет

Интелигенцијата „се лекува“ со образование – интервју на американската поетеса Маргарет Уте за канал Вис

Американската поетеса Маргарет Уте ја посети Струмица на крајот од септември. Нејзината посета беше во рамките на поетскиот фестивал „Сто илјади поети за промена“, каде што ја запознавме како еден од гостите-поети од странство. На прв поглед е топла и примечива, и тој впечаток ме следеше до последниот миг од нашето неколкудневно дружење, кога од нога го пиевме утринското кафе во малиот локал „Бу кафе“ на улицата Ленинова во Струмица, пред да ја однесам до автобуската станица. Нашите средби беа преполни со длабоки разговори и додека таа несебично ја делеше својата мудрост, емпатија но и животно искуство, постојано си велев: „Леле, каква жена, каква поетеса!“ Тоа воодушевување го споделив и со неа, а Маргарет, скромна каква што е само се насмевна: „Ооо, драга, јас сум само стара!“. Ова интервју, го снимивме за време на посетата на струмичката гимназија „Јане Сандански“ каде што Маргарет одржа неколку часови со средношколците, зборувајќи со нив на англиски, италијански и франсцуски јазик.

С.М. Маргарет, вие сте во Европа околу шест недели и учествувавте на два поетски фестивали. Можат ли овие  патувања да се сметаат зазначајно искуство со оглед дека ваквите настани се спој на мултилингвизам и мултикултурализам? Што научивте од поетите?

М.У. Да, беше многу интересно, како прво затоа што јас ги сакам јазиците, а особено сакам да слушам јазици кои што не ги разбирам. Еве на пример имав можност една година да вежбам и можам да препознаам одредени зборови од словенските јазици, и на крајот прекрасно е да се биде со поети. Тие се интелигентни луѓе и секогаш е возбудливо со нив. Така, учам многу за зборовите. Можете да зборувате за зборовите со другите поети. Останатите би се досадувале ако им зборувате за зборовите. Би сакала да напишам книга за зборовите во пет јазици, како се тие поврзани.

С.М. Зошто поезија, кога вашиот интерес за лингвистиката е толку длабок и сеопфатен?

М.У. Па, јас пишував кога бев многу млада, потоа имав многу тежок период во мојот живот, не баш добар брак и не можев да пишувам. Кога се ослободив, знаев дека сакам повторно да пишувам. Исто така и многу преведувам. На пет јазици. На пример, на фејзбук пишувам на италијански бидејќи знам шпански. Ги сакам јазиците, ги сакам зборовите. И, ако останам тука, би сакала да научам македонски.

С.М. Јас овие неколку денови честопати ви се обраќам на македонски јазик, а вие препознавате многу зборови, ја сфаќате суштината на она што ви го кажувам. Би бил ли голем предизвик изучувањето ан македонскиот јазик?

М.У. Мислам дека македонскиот е совладлив бидејќи е високо фонетичен. Пишувањето е многу фонетско, како во шпанскиот. И, би бил полесен од да речеме францускиот, кој е многу тежок.

С.М. Во минатото, кога бевте професор и едукатор сте предавале на повеќе јазици. Има ли магија во тој сплет, трансформацијата којашто и приватно и професионално се прави од еден на друг јазик?

М.У. Најпрво предавав француски долго време, но потоа дојдов во Калифорнија, таму имаше огромна потреба да се предава шпански, поради големиот број на емигранти од тоа говорно подрачје. Учениците во основно училиште мораа да учат на англиски јазик и не знаеја да читаат и пишуваат на шпански до нивната осумнаесетта година. И за мене, како странец од Европа, беше откритие да ги учам тие млади мексикански ученици на нивниот мајчин јазик. Да ги описменам на родниот јазик.

С.М. Тоа е многу благородно.

М.У. Да, беше одлично искуство.

С.М. Рековте дека патувате многу. Не само како авантурист туку и како човек кој сака да се поврзува со жителите на одредено место, преку нивниот јазик, култура. Каде го гледате поетот во следните години, кон што стреми, особено поетот-жена?

М.У. Мислам дека меѓународната размена е многу важна. Секоја земја како Македонија би требало да испраќа млади луѓе во Полска, Холандија, во сите земји, не само да се одржуваат хегемонски врски како во Лондон, Париз и Њујорк. Возбудливо е да имате сириски поет кој ќе ви зборува на неговиот јазик. Со други зборови, отворање кон сите земји и нации, не само кон големите центри. Мислам дека би било од голема помош ако имаме еден вид културна дипломатска виза во земјите или лична карта во САД. Поетите се културни амбасадори. Ова го зборувам бидејќи слушнав ужасни приказни од мои пријатели кои сакаа да дојдат во Македонија но визата чини двесте евра и тие не можат да си дозволат толкав трошок. А во однос на жените. Па, жените ги ослободуваат мажите. Паметните мажи профитираат од жените бидејќи жените превземаат одговорност и со тоа се изедначуваат со нив. Го посакував тоа кога бев осумнаесетгодишна, но тогаш тоа беше утопија, не можеше да се случи, а сега кога сум стара, гледам дека е возможно, дека жените како тебе прават прогрес.

С.М. Мислите ли дека светот и’ го дозволува прогресот на жената?

М.У. Да, евентуално. Бидејќи да се биде интелигентен не е непроменлива состојба. Може да се „излечи“ со образование и затоа имам надеж.

Сузана Мицева

Препорачуваме:

Завршни подготовки во дом на АРМ во Струмица за заедничката владина седница

Сузана Мицева

Франција прогласи вонредна состојба,напад во ресторан во Париз со молотови коктели

Dimitar Micev

САД сместува бомбардери во дометот на Кинеското море