Свет

Холандските евроскептици гласаа против Украина

Големо мнозинство од излезените холандски граѓани на референдум гласаа против договорот за политичко и економско приближување на Украина кон ЕУ. Премиерот Руте најави дека ќе бара алтернативи.

Холандските гласачи го отфрлија договорот меѓу ЕУ и Украина за поблиски економски и политички односи, одбивајќи ги на тој начин и сопствената влада и естаблишментот на ЕУ. Договорот, кој веќе беше потпишан од владата на холандскиот премиер Марк Руте и одобрен и од другите ЕУ членки како и од Украина, стапи во сила во јануари годинава.

Но, тоа не ги спречи холандските гласачи на референдумот во средата да го одбијат Договорот со големо мнозинство од 64 проценти наспроти 36. Во уште еден сигнал на незадоволство, само 32 отсто од граѓаните излегоа на референдумот, со што едвај беше надминат законски утврдениот цензус од 30 проценти.

Гласачите велат дека го искажале своето противење не само кон договорот, туку и кон европските политичари поради цел сет теми кои ја опфаќаат и мигрантската криза како и економските политики.

Иако холандскиот референдум не е обврзувачи, Руте синоќа призна дека е политички невозможно неговата непопуларна влада да продолжи да го ратификува договорот во актуелната форма. Сепак, со оглед дека Холандија во моментов го држи ротирачкото претседателство во ЕУ, ќе му биде потребно време да одлучи дали и како може да се промени договорот за да се задоволат сите страни.

Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека неговата земја ќе продолжи да се движи кон ЕУ и покрај исходот од референдумот.

„Под било какви услови ќе продолжиме да го имплементираме договорот за придружување со ЕУ вклучително и сеопфатниот договор за слободна соработка“, рече Порошенко.

Според рускиот премиер Дмитри Медведев, одбивањето на холандските гласачи го покажува односот на Европа кон украинскиот политички систем. Руските власти претходно одбиваа да го коментираат референдумот во Холандија, оценувајќи го за внатрешно прашање.

Најголемиот политички ривал на Руте, анти-ЕУ и анти-исламскиот политичар Герт Вилдерс, чија популарност расте поради бегалската криза, изјави дека резултатот е „почеток на крајот“ на владата на Руте и на ЕУ во нејзината актуелна форма.

Европската Комисија најави дека ќе чека предлог од холандската влада за натамошните чекори. Опциите на маса оставаат можност договорот со Украина провизорно да остане во сила, или да се изработат исклучоци за Холандија, како што се случуваше во слични околности и во минатото.

Препорачуваме:

Во Италија од денеска задолжителен зелен пасош за сите вработени

Исланд воведе сертификати за вакцинацини

Сузана Мицева

Од денеска во Хрватска задолжително е носење маска

Сузана Мицева