Македонија

Проф. д-р Владимир Трајковски: Технологијата можеби не е директно поврзана со аутизмот, но има негативно влијание и го забавува развојот на децата

 Дали користењето мобилни телефони и таблети кај децата од најрана возраст е штетно и на кој начин го нарушува детскиот развој? Ова е едно од најпоставуваните прашања последните неколку години, откако стана реалност таканаречената „технолошка“ генерација. На оваа тема поразговаравме со универзитетскиот професор Владимир Трајковски, експерт за аутизам.

 

Професоре Трајковски, сѐ почесто се поврзува недостатокот на говор кај децата и симптомите од аутистичниот спектар со прекумерното користење на технологија. Во Струмица последниве десетина години има неверојатно зголемување на бројот на деца со вакви и слични  проблеми. Дали можеме да префрлиме дел од „вината“ и на начинот на живот на семејствата?

Преваленцијата на аутистичниот спектар на нарушувања е во постојан пораст во светот, па така и во Македонија. Во моментов, децата секојдневно имаат повеќе пристап до електронски медиуми од оние деца од претходната генерација. Некои студии сугерираат дека зголемувањето на времето на гледање на екран од ТВ, компјутер или смарт мобилен телефон е поврзано со неврони кои го изразуваат меланопсинот и со тоа го намалуваат невротрансмитерот на гама-аминобутерната киселина (ГАБА), и на тој начин резултира со несоодветно однесување, намален когнитивен развој и наррушен развој на говорот. Раната изложеност на електронските медиуми во раниот живот (возраст < 2 години) дава влијание врз говорт, но сепак не е толку убедливо. Резултатите од студијата на Donna Hermawatti со цел да го откријат влијанието на раната изложеност на електронскиот екран врз развојот на говорот и однесувањето слично на аутизмот покажале дека децата кои поминувале да гледаат 3 ≤ часови дневно, имале доцнење на говорот и кратко времетраење на вниманието, додека децата кои поминувале да гледаат 3 часа на ден, имале доцнење на говорот, кратокотрајно внимание и хиперактивност. Повеќе од половина од децата (66,6%) немале интеракција родители-дете за време на изложеноста, имале задоцнет говор и краткотрајно внимание кои биле забележани во сите случаи, а хиперактивност е забележана кај 66,6% од децата. Сепак во основата на аутистичниот спектар на нарушувања лежи силна генетска предиспозиција со силен коефициент на наследност кој оди над 90%.

Епидемиолошката литература од последните 15 години ги разгледува потенцијалните улоги на загадувањето на воздухот, пестицидите, енормната употреба на пластиката, намалената употреба на витамини во пренаталниот период, начин на живот и фактори на семејството, како и разни акушерски и метаболни состојби на мајките за време на нејзината бременост.

Дали е вистина дека има сѐ повеќе случаи на деца од аутистичниот спектар. Го потврдуваат ли тоа вашите истражувања, искуството од праксата?

Да, за жал тоа е вистина. Во САД според податоците од Центарот за контрола на болестите веќе во 2018 година реферираат дека 1 дете на 59 новородени деца има аутистичен спектар на нарушувања.

Се поставуваат повеќе прашања за можни епидемиски размери на аутизмот. Што е тоа што се случува за да се зголеми толку многу преваленцијата? Дали загадувањето на средината со полутанти, тешки метали, вакцинациите и други средински фактори придонесуваат кон овој пораст? Дали може да се дејствува превентивно врз тие надворешни фактори со што би се намалила зачестеноста на нарушувањето? Ова се сериозни прашања од интерес за решавање на родителите, стручњаците, сервисните служби, социјално медицинскиот сектор на едно општество.

    Каква е ситуацијата во Македонија? Што велат истражувањата?

Првата студија во Македонија започна во 2000 година и се однесува на комплетна анализа на аутизмот, а се покажа дека сознанијата што ги имаат Центрите за социјална работа и Медицинските центри, понекогаш се недоволни. Комплексноста во поставувањето на дијагноза, недоволна информираност на популацијата и немање званичен законски национален регистер за аутизам се дел од факторите кои допрва треба да се решаваат тимски. Епидемиолошките истражувања се користат за да се идентификува потребата од специ­јал­на едукација и медицинско згрижување за оваа група на деца.

Од нашите истражувања се покажа дека преваленцијата на раниот детски (Канеров) аутизам во Република Маке­до­нија е многу подпроценета, што е сигнификантно помалку во однос на европските држави, Америка и земјите од Азискиот континент. Тоа веројатно се должи на: недоволното препознавање на нарушувањето од страна на лекарите, дефектолозите и психолозите, недоволната евиденција и непостоењето на национален регистар за оваа состојба, регистрирање под други дијагнози како што се интелектуална попреченост, шизофренија и други патолошки состојби, како и криењето на овие лица од страна на роди­те­ли­те.

                Прегледите што ги правам во последно време во „Гаспар” центарот во Скопје и „Старс” центарот во Велес и тоа како покажуваат пораст на состојбата. Зголемениот интерес од страна на родителите за да направам консултативно дијагностички прегледи на нивните деца е во постојан пораст.

Професорот Трајковски рече дека има интерес да одржи работилница со дефектолози во Струмица, но и со родители на деца од аутистичниот спектар на нарушувања, за што се разговара со здружението „Вера“. Ова здружение првпат го покани професорот Трајковски пред осум години, кога тој одржа трибина за Даунов синдром во Струмица.

Препорачуваме:

Променливо облачно со врнежи од дожд и снег

Сузана Мицева

ПО 1.000 ДЕНАРИ ВАУЧЕРИ НА 35.000 ЛИЦА И НУЛА ДДВ НА ОСНОВНИТЕ ПРОДУКТИ

Сузана Мицева

Одземен пасошот на Латас

Сузана Мицева