Македонија

Меѓународна средба на шест европски општини за размена на искуства за мигрантска криза во Гевгелија

Во Гевгелија се одржува 4. Меѓународна средба на шест европски општини на која ќе се разменуваат искуства за мигрантската криза. Имено, по успешното воспоставено партнерство во рамки на програмата „Европа за граѓаните“, општина Гевгелија, заедно со Фондацијата за локален економски развој и информатичка технологија од Гевгелија, стана дел од проектниот тим што го реализира проектот “EUBorCo”. Овој проект беше одобрен од европската програма „Европа за граѓаните“, а е наменет за согледување на искуствата од мигрантската криза.
Проектот општина Гевгелија го реализира во партнерство со општина Пеонија – Грција, општина Бриндизи – Италија, општина Виатор – Шпанија, Совет на општина Свиеги – Малта, Здружение „Варна – Европска младинска престолнина – Бугарија, Здружение Цивитас Солис од Рочела Јоника – Италија, Младински клуб на УНЕСКО од Солун – Грција и Здружение „Фабрика“ од Свиеги, Малта. Носител на проектот е општина Пеонија од соседна Грција со која општина Гевгелија традиционално има добра и успешна соработка.
По средбите во Италија, Малта и Грција, четвртата средба се одржува во Гевгелија. Претставниците од Малта, Италија, Бугарија, Грција и Шпанија денес го посетија Прифатниот центар за транзит на мигранти „Винојуг“, каде што се запознаа со функцијата на овој транзитен центар. Во моментот во транзитниот центар има 13 мигранти од Ирак, Бангладеш и Индија, додека пак во изминатава недела не бил регистриран ниту еден мигрант. Во овој период биле вратени назад 9 мигранти, кои претходно пристигнале од соседна Грција.
Учесниците на меѓународната средба се сретнаа и со активистката Ленче Здравкин, која ги запозна со мигрантската криза во 2015 и 2016 година и македонските искуства околу справувањето со мигрантите. Покрај работниот дел од меѓународната средба, учесниците ќе се запознаат и со културното наследство на општина Гевгелија и регионот, при што ќе го посетат археолошкиот локалитет Вардарски рид, излетиштето Динќут, како и музејот во Дојран.

Препорачуваме:

Бизнисот бара Собранието да ги донесе законите за петтиот пакет мерки

Нов предлог закон на СДСМ: Парите од игри на среќа да одат за заштита на културното наследство

Ѓ. K.

Македонија и земјите од регионот потпишаа документ за развој на железниците

Ване Трајков