Свет

Видео: Што претставуваше Богородичната црква во Париз за светското културно наследство

Нотр Дам, или Богородичната црква во Париз, само три дена пред ужасниот инцидент

Богородичната црква или Нотр Дам (француски: Notre Dame de Paris) е готска катедрала на источната половина на островот Сите на реката Сена во Париз, Франција, со главен влез од западната страна. Ова е катедралата на Париз и седиштето на архиепископот на градот. Богородичната црква се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура.  Виоле – ле – Дик, еден од најпознатите француски архитекти, ја обновил и сочувал од уривање. Името „Нотр Дам“ на француски значи „Нашата Госпоѓа“ (Богородица или Дева Марија). Ова е една од најубавите готски катедрали во светот, градена низ целиот готски период. Скулптурите и витражите се одликуваат со големо влијание од натурализмот, за разлика од пораната романска архитектура.

Богородичната црква е една од првите цркви во светот каде се употребени арбутани (надворешни потпорни арки). Зданието првично не било предвидено да има арбутани околу хорот и бродот. По започнувањето на изградбата, откога потенките ѕидови (популаризирани во готиката) израснале уште повисоко, почнале да се јавуваат пукнатини од напон, како што ѕидовите притискале нанадвор. За да го решат проблемот, архитектите изградиле потпори на ѕидовите однадвор, и подоцнежните доградби продолжиле да се вршат на тој начин.

За време на радикалната фаза на Француска Револуција (1790-ти г.), катедралата настрадала од сквернавење, кога голем дел од верската иконографија бил оштетен или уништен. Истата била обновена во текот на XIX век, и така катедралата го добила својот поранешен изглед.

Во 1160 г., бидејќи црквата во Париз станала „парохиска црква на европските кралеви“, епископот (бискупот) Морис Де Сили сметал дека постоечката париска катедрала е недостојна за оваа благородна функција. Така, штом се здобил со титулата Епископ на Париз, тој ја урнал. Според едно предание, Сили имал визија за величенствена нова катедрала во Париз, и ја нацртал во калта, во дворот на постоечката црква. За овозможување на изградбата, епископот урнал неколку куќи и и зградил нов пат кој би овозможил пренос на материјалите за изградба на новата катедрала.

Изградбата започнала во 1163 г., за време на владеењето на кралот Луј XII. Не се знае со сигурност дали каменот – темелник го удрил епископот де Сили, или пак папата Александар III, бидејќи обајцата биле присутни на таа свеченост. Потоа епископот де Сили го посветил својот живот и богатство на изградбата на катедралата.

Изградбата на западната страна, со двете карактеристични кули, започнала околу 1200 г., пред завршувањето на бродот, што е спротивно на вообичаената градежна практика. За време на периодот на изградба, на проектот работеле многубројни архитекти, како што може да се види по различните стилови и висини на западниот дел и кулите. Помеѓу 1210 и 1220 г., се вклучил и четврт архитект кој го изградил нивото со розетен прозорец и големите сали под кулите. Кулите биле завршени околу 1245 г., а самата катедрала била завршена околу 1345 г.



Препорачуваме:

ОН: Цените на храната паѓаат шести месец по ред главно поради пониските цени на нафтата

Сузана Мицева

Повеќе од 4.500 Руси добиле забрана за влез во Украина во 2019 година

ООН: Руската вакцина со важна улога